
Со свеченото доделување на наградите, вечерва беше затворено јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, манифестација која веќе шест децении претставува еден од најзначајните столбови на македонската култура и театарска уметност.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека изминатите фестивалски денови Прилеп повторно бил град на театарот, уметноста и креативниот дијалог, каде што се сретнале врвни театарски остварувања, уметници и љубители на сценската уметност од целата држава.
„Чувствувам особена гордост што токму Прилеп веќе 60 години е чувар на ова непроценливо културно наследство. Овој јубилеј е сведоштво за посветеноста на генерации уметници, организатори, институции и граѓани кои го граделе угледот на фестивалот и го претвориле во препознатлив симбол на македонската култура“, нагласи Проданоски.

Тој упати честитки до сите наградени уметници и ансамбли, како и до организаторите, селекторите, жирито, техничките екипи и волонтерите кои придонеле за успешната реализација на фестивалот.
Посебно го истакна успехот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, кој годинава освои признанија во пет категории.
„Ова признание е потврда дека и покрај бројните предизвици и тешките услови, трудот и посветеноста на нашите уметници создаваат вредности кои се препознаваат и се наградуваат“, посочи градоначалникот.
Проданоски оцени дека, иако критиките се составен дел од јавниот дискурс, неопходно е сите заеднички да размислуваат како состојбите во општеството да се подобрат.
„Успешните приказни најчесто се раѓаат во тешки услови, а токму ваквите достигнувања покажуваат дека кога има знаење, љубов и посветеност, резултатите не изостануваат. Наша заедничка обврска е да создадеме подобри услови за работа, развој и напредок“, истакна тој.
Воедно, Проданоски порача дека Општина Прилеп и во иднина ќе продолжи да го поддржува фестивалот, бидејќи културата е темел на идентитетот, а фестивалот „Војдан Чернодрински“ е еден од најзначајните културни симболи на градот и државата.
„Како град, но и сите ние како поединци, мораме да продолжиме да се прашуваме – како да станеме подобри?“, порача градоначалникот на Прилеп.

















