
Украинските воздухопловни сили предупредија дека постои зголемена веројатност Русија во наредните 24 часа да изведе лансирање на балистичка ракета со среден дострел од полигонот Капустин Јар, од каде претходно била испратена и ракетата „Орешник“.
„Постои голема веројатност непријателот во следните 24 часа да употреби балистичка ракета со среден дострел, лансирана од полигонот Капустин Јар“, соопштија украинските воздухопловни сили.
Поради ова предупредување, синоќа низ цела Украина била прогласена воздушна тревога, а безбедносните служби и каналите што ги следат воените активности алармираа за потенцијална закана од нов ракетен напад.
Според претходни информации, Русија ја употребила ракетата „Орешник“ во комбиниран напад врз Украина на 23 и 24 мај, кога биле истрелани десетици ракети и стотици дронови од различни типови.
Руската страна, пак, претходно изјави дека ракетата била користена во тест-фаза, со цел собирање податоци за нејзиното однесување во лет и можностите за нејзина идната оперативна употреба.
„Орешник“ се опишува како експериментална балистичка ракета со среден дострел, со капацитет да достигне од 3.000 до 5.500 километри, а според воени аналитичари, се работи за мобилен систем на цврсто гориво базиран на претходни руски ракетни технологии.
Системот, како што се наведува, може да носи повеќекратни независно насочени боеви глави, кои во завршната фаза на летот се разделуваат и се движат со големи брзини, што го отежнува нивното пресретнување од системите за противвоздушна одбрана.

















