
Австралија денеска го започна пописот на населението, а македонската заедница на петтиот континент упати повик до Македонците масовно и јасно да го наведат своето македонско потекло, јазик и верска припадност.
Пописот го спроведува Австралиското биро за статистика и се одржува на секои пет години. На пописната ноќ ќе бидат опфатени сите лица кои се наоѓаат во Австралија, вклучително и посетители и лица со привремени визи.
Македонските организации, црковните општини, активистите и претставниците на заедницата во изминатите недели водеа кампања за што поголем број Македонци да се изјаснат за своето потекло.
Според последниот попис од 2021 година, во Австралија биле евидентирани 111.352 лица со македонско потекло, додека 66.173 лица навеле дека зборуваат македонски јазик во својот дом.
Од македонската заедница, сепак, посочуваат дека бројот на лица со македонско потекло може да биде значително поголем, а некои проценки достигнуваат и до 300.000 лица. Токму затоа, годинашниот попис се смета за важна можност за попрецизно статистичко евидентирање на македонската заедница.
Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ-ОА упати апел до Македонците правилно и јасно да се изјаснат, нагласувајќи дека податоците од пописот имаат значење за идното планирање на образовни, културни и општествени програми, како и за зачувувањето на националниот и јазичниот идентитет.
Една од новините на годинашниот попис е тоа што граѓаните ќе можат да наведат до четири различни потекла, наместо досегашните две. Тоа им овозможува и на лицата од мешани семејства да го наведат македонското потекло, без притоа да ги изостават другите делови од своето семејно наследство.
Од македонската заедница очекуваат годинашниот попис да даде појасна слика за бројноста на Македонците во Австралија.

















