
Петнаесет пожари на отворено избувнале денеска на различни локации низ Македонија, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
До 18 часот, пожарникарите и останатите надлежни екипи успеале да изгаснат 12 пожари, додека еден пожар е ставен под контрола. Два пожари и натаму се активни.
Активен е пожарот во Општина Македонски Брод, во месноста Видуш, во близина на селото Драгов Дол. Огнот зафатил ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Пожар има и во Општина Ново Село, на планината Огражден. Кај Ново Село гори депонија, а пламенот се проширил и на мешана деградирана шума и ниска вегетација.
Во меѓувреме, пожарот на градската депонија во Делчево е ставен под контрола.
Во текот на денот се изгаснати и пожарите кај Блатец во Општина Виница, во населбата Света Петка во Штип, кај Горенци во Општина Центар Жупа и кај Бачинци во Општина Кичево.
Интервенции имало и во близина на Филтерната станица за вода во Лозово, во населбата Средорек во Куманово, кај Милетино во Општина Брвеница, Долна Лешница во Општина Желино, кај Слатина во Општина Теарце и во близина на ресторанот „Чифлик“ во Општина Врапчиште.
Изгаснати се и пожарите кај Трубарево во Општина Гази Баба и кај Долно Свиларе во Општина Сарај.
Надлежните служби продолжуваат со активности за целосно локализирање на двата активни пожари.

















