
Скопје, 11 август 2026 – Проекти од областа на патната и железничката инфраструктура, енергетиката, здравството, образованието, дигитализацијата, земјоделството, водостопанството и животната средина се дел од Првата конечна листа на јавни инвестиции, објавена од Министерството за финансии.
Листата претходно е одобрена од Комитетот за јавни инвестиции, а потоа усвоена од Владата. Меѓу позначајните проекти се реконструкцијата и изградбата на Клиничката болница во Тетово, Клиничката болница во Штип, изградбата на студентски дом и медицински факултет, како и болницата во Кичево.
Во делот на инфраструктурата предвидена е реконструкција на централниот дел од железничкиот Коридор VIII на делницата Скопје–Кичево, како и реконструкција на постојната и изградба на брза железничка пруга долж Коридорот 10.
На листата се наоѓаат и повеќе значајни енергетски проекти, меѓу кои систем за батериско складирање електрична енергија, систем СКАДА за контрола и следење на податоците, софтвер за планирање на производството и тргувањето со електрична енергија, Ветерен парк Миравци, комбинирана гасна електрана во ТЕЦ Битола, како и проширување на мрежата за централно греење во Битола.
Предвидени се и подобрување и реконструкција на дистрибутивната мрежа за топлинска енергија во Скопје, како и изградба на пловечка фотонапонска електрана „Шпилје“.
Министерката за финансии, Виолета Димитриеска-Кочоска, посочува дека станува збор за значајна реформа во управувањето со јавните финансии, со која реализацијата на јавните инвестиции треба да биде посистематизирана и поефикасна.
Според неа, институциите и јавните претпријатија доставуваат проектни идеи до Министерството за финансии, каде тим врши проверка на нивната комплетност и квалитет и дава оценка за нивната изводливост и одржливост. Позитивно оценетите предлози потоа се доставуваат до Комитетот за јавни инвестиции, кој ја креира предлог-листата, а конечната одлука ја носи Владата.
Од Министерството за финансии појаснуваат дека на листата се работело подолг период. Иницијативите биле доставувани од институциите и државните претпријатија во текот на минатата година, по што следувале проверка, оценка и утврдување на предлог-листата.
Сепак, објавувањето на проектите на листата не значи автоматски и одлука за нивна реализација. Одлуките за финансирање ќе се носат во понатамошниот процес, во зависност од расположливите средства, зрелоста на проектите и приоритетите на Владата.
Секој од проектите на листата е со поединечна вредност над пет милиони евра, а нивното финансирање и реализација е предвидено да се одвива во повеќе буџетски години.
Димитриеска-Кочоска очекува новиот систем да спречи започнување на недоволно подготвени проекти, кои во минатото често се соочувале со застои.
Целта, како што посочува министерката, е преку подобро планирање и избор на зрелите проекти да се овозможи поефикасна реализација на капиталните инвестиции и подобро управување со јавните средства.

















