На плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ во Прилеп денеска се одржа германски Божиќен базар, кој во празнична атмосфера обедини ученици, наставници, граѓани и гости од повеќе општини низ државата. Настанот беше исполнет со божиќни колачиња и переци, рачно изработени празнични украси, песни на германски јазик и креативни изведби на младите учесници.

Германскиот Божиќен базар беше организиран од Здружението на наставници по германски јазик, со поддршка од Гете-институтот од Скопје, Амбасадата на Сојузна Република Германија во Македонија и Општина Прилеп. Голем интерес предизвика активното учество на ученици од основните и средните училишта во Прилеп, кои преку својата креативност придонесоа за автентична празнична атмосфера.

На настанот присуствуваше и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, што, според Проданоски, претставува значајна поддршка и потврда за важноста на ваквите културно-образовни иницијативи.
Проданоски истакна дека ваквите настани им овозможуваат на младите да се запознаат со други култури и традиции, да развиваат почит, толеранција и отвореност кон различностите – вредности кои се основа на современо и европско општество. Тој нагласи дека Прилеп уште еднаш се покажа како град кој ги негува културните настани, ги поддржува младите и живее со празничниот дух.

Упатени беа честитки до организаторите и благодарност до сите деца и млади учесници, кои со својот труд и ентузијазам го направија настанот посебен.



























