Драги сограѓани Македонци во Република Албанија,
Македонско друштво “Илинден“-Тирана ви се обраќа со овој отворен и искрен повик, во момент од особено значење за афирмацијата на нашиот идентитет, достоинство и права како автохтона македонска заедница во Албанија.
Врз основа на Законот бр. 96/2017 „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“ и Одлуката на Советот на министри „За утврдување на критериумите, документацијата и постапките за собирање на податоци за идентификација на лицата кои припаѓаат на националните малцинства“, секој граѓанин има неотуѓиво право слободно да се самоидентификува, без притисок и без страв, како припадник на официјално признаено национално малцинство.
Овој процес претставува значаен чекор кон:
- зачувување и зајакнување на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет;
- унапредување на институционалната застапеност на македонската заедница;
- креирање на поправедни државни политики, прилагодени на реалните потреби на националните малцинства;
- гарантирање поддршка и одржлив развој на нашата заедница.


Македонско друштво “Илинден“-Тирана упатува повик до сите Македонци во Република Албанија без двоумење да се самоизјаснат, со пополнување на соодветните формулари за самоидентификација и нивно доставување по пошта до Комисијата формирана при Министерството за внатрешни работи, согласно утврдените постапки.
Сакаме јасно да нагласиме дека:
- процесот се темели на принципот на слободно самоидентификување;
- личните податоци се заштитени во целосна согласност со законодавството за заштита на приватноста;
- не постои никаков ризик ниту негативна последица за граѓаните кои ја изјавуваат својата национална припадност.
Самоизјаснувањето не е само законско право, туку и чин на граѓанска и национална одговорност, кој го зајакнува нашиот колективен глас и ја обезбедува иднината на идните генерации.
Заедно, со храброст, свест и доверба, да придонесеме во изградбата на пофер, поинклузивно и подемократско општество, во кое македонскиот идентитет во Република Албанија се почитува, признава и поддржува.



























