
Швајцарско семејство со имот проценет на над 15 милиони швајцарски франци (околу 16 милиони евра) донело одлука што отстапува од вообичаените приказни за богатство и наследство: наместо да живеат во комфор и раскош, тие постепено се откажуваат од поголемиот дел од своето богатство, и го насочуваат кон општествено корисни цели.
Наместо удобностите на луксузниот живот, тие свесно избрале поинаков пат, водени од чувство на одговорност кон општеството и планетата. Како што пренесува „Blick“, оваа одлука е резултат на долготраен процес на преиспитување, а не на моментален импулс.
Во центарот на приказната е 64-годишна медицинска сестра, која пораснала во големо, но скромно земјоделско семејство со десет деца. Таа вели дека уште од мали нозе била воспитана во дух на едноставност, каде што материјалните работи никогаш немале примат.
Сопругот, архитект од семејство со наследен имот, израснал во стабилни услови, но без претерано истакнато богатство. По смртта на својот татко го наследил капиталот, но семејството никогаш не дозволило тој да стане основа за раскошен живот.
И покрај значителното богатство, нивното секојдневие останало скромно. Живееле повлечено, со свесна одлука да не го истакнуваат имотот што го поседуваат – дури и сопствените деца подоцна биле изненадени кога ја дознале реалната вредност на семејното богатство.
Прекин во нивната дотогашна рамнотежа доаѓа пред околу три години, кога ќерката, ангажирана во областа на екологијата, почнува подлабоко да се соочува со последиците од климатските промени и загубата на биодиверзитетот. Тој момент, како што вели, станал пресвртница.
Се отвораат сериозни семејни разговори, во кои се вклучува и синот, кој на почетокот имал дилеми околу финансиската сигурност во иднина. За да донесат заедничка и промислена одлука, повеќе од една година работеле со стручен советник, далеку од очите на јавноста.
Резултатот од тој процес веќе почнува да се обликува. Планот предвидува до крајот на 2026 година да бидат донирани околу 1,5 милиони франци за проекти поврзани со заштита на климата, а тоа, според семејството, е само почеток.
Иако нема да се откажат целосно од безбедносна финансиска резерва и од дел од недвижностите, поголемиот дел од богатството е наменет за донации.
За нив, ова не е жртва, туку избор. Како што порачува ќерката, откажувањето од луксузот денес го гледаат како единствен логичен чекор во време на глобални кризи кои не можат да се игнорираат.























