
Битола викендов е домаќин на две државни натпреварувања во пинг-понг за играчи до 21 година. Според календарот на федерацијата, Државното првенство се одржува во сабота, 21 ноември, а турнирот „Топ 8“ е закажан за недела, 22 ноември.
Натпреварите се одржуваат во спортската сала на ОУ „Св. Климент Охридски“, во организација на битолскиот пинг-понг клуб „Пелагонија“. На Државното првенство се игра поединечно и во двојки во машка и женска конкуренција, како и во мешани двојки.
На турнирот „Топ 8“ ќе настапат осумте најдобри играчи и осумте најдобри играчки до 21 година. Во секоја конкуренција ќе се игра по системот „секој со секого“.
Натпреварувањата ги отвори општинскиот советник Мартин Ивановски, претседател на Комисијата за млади и спорт. Тој им посака успех и спортска дружба на учесниците и порача дека младите спортисти и понатаму ќе ја имаат поддршката од Општина Битола.























