УТРО.мк

(ФОТО) Редок успех за природата: Фатена и следена рисицата „Благица“ – надеж за опстанокот на видот во Македонија

(ФОТО) Редок успех за природата: Фатена и следена рисицата „Благица“ – надеж за опстанокот на видот во Македонија
Vero

Македонското еколошко друштво (МЕД) објави значајна и охрабрувачка вест за заштитата на дивиот свет, информирајќи дека пред десетина дена, во соработка со кичевското Здружение на ловци „Елен“, е успешно фатена рисица на планината Баба Сач. По повод празникот Благовец, животното го добило името Благица, а станува збор за здрава женка, стара околу 4 до 5 години и со тежина од 17 килограми.


Во рамки на акцијата, на терен бил вклучен и стручен тим од Ветеринарниот факултет во Скопје, при што ветеринар извршил детална проверка на здравствената состојба на рисицата. Биле направени анализи како земање крв и брисеви, како и проверка за присуство на крлежи и други потенцијални здравствени ризици, при што било утврдено дека Благица е во добра кондиција.


По поставувањето на околувратник, рисицата активно се следи, а досегашните податоци покажуваат дека се движи на подрачјето на планините Баба Сач и Илинска-Плакенска. Ова има посебно значење бидејќи станува збор за региони каде што досега никогаш не бил следен рис со методот на радиотелеметрија, што отвора нови можности за научно истражување и подобро разбирање на движењето на овој редок вид.


Во меѓувреме, ловџиите од здружението „Елен“ успеале да пронајдат и прв плен – срна, што е важен показател дека по интервенцијата и поставувањето на околувратникот, рисицата нормално функционира во своето природно живеалиште.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран