
САД распоредија повеќе од 10.000 припадници на морнарицата, маринците и воздухопловството во рамки на засилена воена операција во Ормутскиот теснец, соопшти CENTCOM.
Според информациите, во акцијата се вклучени над 12 воени бродови и десетици авиони, со цел да се контролира поморскиот сообраќај кон иранските пристаништа. Во првите 24 часа од операцијата, ниту еден брод не успеал да ја пробие блокадата, додека шест трговски бродови се вратиле назад кон иранските пристаништа по наредба на американските сили.
Од CENTCOM велат дека мерките се применуваат кон бродови од сите земји што имаат дестинација кон Иран, но истовремено нагласуваат дека слободата на пловидба останува загарантирана за бродовите што се движат кон други дестинации.
Блокадата започна по одлука на американскиот претседател Доналд Трамп, откако пропаднаа разговорите меѓу американската и иранската делегација одржани во Исламабад.
Како што беше соопштено, станува збор за т.н. „двојна блокада“ на теснецот, кој претходно беше делумно ограничен и од иранска страна, што дополнително ги зголемува тензиите во регионот.























