
Охрид ќе добие нова катна гаража на улицата „Абас Емин“, откако Општина Охрид склучи договор за изградба вреден околу 1,73 милиони евра. Изведувач на проектот е охридската градежна компанија Топлина од селото Подмоље.
Според договорната документација, објектот ќе биде наменет за паркирање автомобили, лесни доставни возила и велосипеди, со армирано-бетонска конструкција, рамна кровна плоча и катна висина од приближно три метри. Локацијата е опфатена со важечка детална урбанистичка документација.
Вредноста на договорот изнесува 90.307.996 денари без ДДВ, односно 106.563.435 денари со ДДВ, а проектот е избран по електронска аукција на која учествувале две компании, „Топлина“ и Нет Инвест Груп. По наддавањето, „Топлина“ доставила пониска коригирана понуда и го обезбедила првото место.
Катната гаража ќе опфаќа неколку фази на изведба: архитектонско решение, електрика, водовод и канализација, сообраќајна сигнализација и противпожарни системи. Најголемиот дел од буџетот, според спецификацијата, оди на архитектонскиот дел од проектот.
Паралелно, истата компанија се поврзува и со голем ангажман во енергетскиот сектор, откако претходно беше избрана за изведувач на работи во РЕК Битола, каде се работи за ископ на јаглен и јаловина во рамки на голем договор.
Според условите, рокот за изградба на катната гаража е 30 месеци од воведување во работа, а предвидено е и авансно плаќање до 20% од вредноста на договорот, по обезбедување банкарска гаранција.























