
Во период кога сè почесто се отвора дилемата дали трудот во Македонија навистина се вреднува и дали системот работи во интерес на граѓаните, политичката партија Македонски Концепт започнува нова комуникациска кампања под слоганот „Твои пари, твоја слобода“. Станува збор за серијал кратки видеа преку кои, како што информираат, ќе се обработуваат реални и секојдневни ситуации со цел да се покренат прашања кои, според нив, се занемарени во јавниот дискурс.
Кампањата ќе се фокусира на теми кои директно ги засегаат граѓаните и економијата, меѓу кои колкав дел од платата реално им останува на работниците, со какви административни пречки се соочуваат бизнисите, зошто јавните претпријатија бележат загуби и кој на крај ја сноси финансиската тежина од тие состојби. Од партијата наведуваат дека целта е преку овие содржини да се разобличат системските слабости и да се поттикне јавна дебата за економските политики.
Во рамки на иницијативата, Македонски Концепт јасно ги истакнува своите ставови во насока на економска слобода, залагајќи се за пониски даноци, намалување на бирократијата, создавање поголем простор за приватна иницијатива и воспоставување фер правила за сите учесници во економијата. Партијата се позиционира како дел од економската десница, со фокус на слободен поединец, развиена приватна економија и држава која е ограничена по обем, но ефикасна во заштитата на сопственоста, трудот и законските правила.
Според нив, крајната цел е трансформација на економскиот модел во Македонија – од систем кој создава зависност од државата кон модел што ги наградува оние кои создаваат вредност, инвестираат и преземаат ризик, наместо да го оптоварува нивниот труд. Од партијата најавуваат дека првото видео од серијалот ќе биде објавено во наредните денови, со што и официјално ќе започне кампањата.























