Европската Унија направи значаен чекор кон построга миграциска политика. Претставниците на земјите-членки и Европскиот парламент рано утринава постигнаа политички договор за нов сет правила со кои драстично се проширува можноста барателите на азил да бидат упатувани во таканаречени „безбедни трети земји“.Со договорот им се отвора пат на земјите-членки да депортираат баратели на азил во држави надвор од ЕУ што се сметаат за безбедни – дури и во случаи кога лицата немаат никаква претходна поврзаност со тие земји. Доволно ќе биде да постои договор или друг формален аранжман меѓу конкретната членка на ЕУ и третата земја.Досега, европските правила бараа барателот на азил да има „тесна врска“ со земјата во која се испраќа, како семејни односи или подолг престој во минатото. Со новите правила, таа обврска се укинува за повеќето случаи, што значи дека луѓето може да бидат испратени во држави во кои никогаш не биле и со кои немаат културни, социјални или семејни врски.Исклучок остануваат малолетниците без придружба. За нив, условот за постоење реална врска со земјата во која би биле депортирани ќе продолжи да важи, како што бараа земјите-членки.Иако договорот сè уште треба формално да биде усвоен за да стапи на сила, тоа се смета за чиста процедура, бидејќи преговарачите веќе постигнале компромис, наведува ДПА.Европскиот парламент го расчисти патот за преговори вчера, откако предлогот доби поддршка од десничарско мнозинство. Клучните гласови „за“ дојдоа од пратениците на десниот центар и од крајната десница.Прашањето дали е потребна лична или правна врска со „безбедна трета земја“ беше тема и во минатогодишните преговори за реформата на Заедничкиот европски систем за азил (CEAS). Тогаш беше договорено условот да остане, но и да биде преиспитан по одреден временски период.Данскиот министер за имиграција, Расмус Стоклунд, ја оправда потребата од построги мерки со хуманитарни аргументи. „Илјадници мигранти се дават во Средоземното Море или стануваат жртви на шверцери на луѓе кои се богатат на нивна мака“, изјави тој. „Од суштинско значење е да се справиме со факторите што го поттикнуваат овој нездрав и нехуман систем“, пренесе ДПА.



























