
Европската авиоиндустрија алармира за сериозни проблеми со новиот Систем за влез/излез (ЕЕС) и бара негово итно суспендирање, целосно или делумно, најмалку до крајот на летната сезона.
Системот, кој стартуваше на 10 април во 29 шенген земји, веќе предизвикува значителни оперативни тешкотии на аеродромите ширум Европа. Наместо рачни печати во пасошите, ЕЕС воведе дигитална регистрација на влез и излез, заедно со собирање биометриски податоци како отпечатоци од прсти и фотографии на лице.
Но, реалноста на терен е далеку од очекуваната ефикасност. На повеќе европски аеродроми се бележат долги редици, доцнења и дури пропуштени летови, при што некои патници чекаат и до три часа за контрола.
Организациите ACI EUROPE и Airlines for Europe предупредуваат дека ситуацијата може дополнително да се влоши со зголемувањето на патничкиот сообраќај во летниот период. Тие бараат од Европската комисија и земјите-членки итно да воведат поголема флексибилност во примената на системот.
Според нив, единствено изводливо решение во моментов е привремено суспендирање на ЕЕС таму каде што создава најголеми проблеми, со цел да се избегне колапс на аеродромските операции во шпицот на сезоната.























