
Тешка трагедија го потресе турскиот град Кахраманмараш, откако вооружен напаѓач отвори оган во училиште, при што животот го загубија 9 лица, а 13 се повредени.
Инцидентот се случил во училиштето „Ајсер Чалик“ во општината Оникишубат, каде околу пладне одекнале истрели. На местото веднаш пристигнале бројни полициски и медицински екипи.
Гувернерот Мукерем Унлуер информира дека меѓу загинатите има еден наставник и осум ученици, додека дел од повредените се во критична состојба. Според првичните информации, напаѓачот користел повеќе парчиња оружје и пукал во две училници.
Подоцна било утврдено дека напаѓачот е ученик во осмо одделение. По нападот, тој починал на местото на настанот, а властите утврдуваат како точно дошло до тоа.
Истрагата покажала дека оружјето било во сопственост на неговиот татко, кој е приведен, додека надлежните органи работат на целосно расчистување на случајот.
Министерот за правда Акин Гурлек соопшти дека е отворена обемна истрага во која се вклучени повеќе обвинители, а донесена е и мерка за ограничување на објавување информации со цел да се заштити постапката.
Настанот предизвика паника меѓу родителите и јавноста, по што беше воспоставен безбедносен кордон околу училиштето, а наставата во градот е привремено прекината. Властите апелираат на воздржаност и одговорно известување додека трае истрагата.























